Танц на рацете
Сергеј Андреевски шармира со својата енергичност низ сликарствотото. Обојувајќи го светот, раскажува со негов специфичен ракопис.
Изложбата беше поставена од 14.10 – 10.12.2017 година
О граде мој!
Езеро мое на животот!
Езеро на сите езера во кои не нуркаа брановите на животот.
Во твојата нерамна површина првпат ги почуствував сите нерамнини на светот,
Од тие темни детски дамнини уште ме мамат вртоглави вишини и газам по неизодливи нерамнини.
Фрагмент од “Езеро на животот”
( Дрво на ридот, 1980). Ацо Шопов
Пред нас се делата на Сергеј Андреевски кои ја носат пресудната улога во неговото творештво, а тоа се доживеаните спомени од детството. Во сликите целиот опус се нанижува во една логична нитка, матрица пренесена од неговите древни претци на македонското поднебје. Каде и да е, тој е дома, сликите се неговиот дом.
Авторот е доблест на творечка енергија во која ритуалот на сликање со раце има магична моќ, која не внесува во нерамнините на почвата на претците. Неговите дела на фигури, животни, портрети, немаат монотонија, нивната линеарност и графизам со јак колорит имаат алхемиска конотација. Тие се клуч кој ги отвора вратите на овој чудесен свет на авторовата ризница. Живеењето и сликањето со нескротлива страст и еуфорија се предизвик на човек со вечна младост, кој го слави животот. Со боите и графизмот на цртежот тој црта. Формите на фигурите се со драматична снага, крик, импулс на колоритен спектакл. Танцот на рацете натопени во боја пред нас ја воскреснуваат светлината на македонското поднебје. Денот се раѓа со песната на птиците, жуборот на водата, мирисот на цвеќето. Претците како духови оживуваат пред нашите очи и танцуваат, благословувајќи ги рацете на својот наследник.
Марина Лешкова, ликовен уметник и историчар на уметноста