Пол Гунон - ...по која цена?
Со секоја изложба или настан, во галеријата Акантус, се трудиме да ѝ понудиме на публиката едно поинакво искуство. Во овие три години, откако ја започнавме нашата приказна, сакавме секој кој ќе влезе во нашиот простор да има уникатно доживување на она што е изложено. Целиме да понудиме разнолика програма и да им овозможиме на посетителите да откријат различни уметнички сензибилитети, приказни, техники и искуства. Во изминатите години успеавме да претставиме нов опус на повеќемина етаблирани домашни автори. Но, исто така, и неколкумина млади уметници, кои ги прават своите први чекори во уметничкиот свет, сакаат да ја покажат својата работа и да се доближат до публиката. Продолжувајќи со оваа потрага по нешто ново, нешто поинакво, а пред сè квалитетно, одлучивме дека соработката со странски уметници ќе донесе нов тек на нештата. Имајќи предвид дека од самиот почеток галеријата негуваше врски со франкофонската заедница, соработката со францускиот уметник Пол Гунон, дојде како природен тек на нашата работа. Размислувајќи за оваа прва меѓународна соработка, како и за нејзиниот резултат, можам да кажам дека ми е особено драга, и тоа од неколку причини. Првата е самата тема на изложбата. Како скопјанец, интересно ми е тоа што мојот град побудил интерес кај автор од друга земја, особено поради фактот што Скопје не е град што е познат во светот како препознатлива туристичка дестинација која речиси секој сака да ја посети. Самиот факт што авторот одлучил да црпи инспирација токму од нашиот град, за мене беше многу интересно. Она што г-динот Гунон избра да го земе од нашиот град и да го претстави во своите дела е уште една од причините кои за мене ја прават оваа изложба многу драга. Во таа смисла, низ делата, тој, без резерви, зборува како објективен набљудувач и космополитски критичар на уметничко-
естетските вредности врежани во моменталниот изглед на градот Скопје. Тој не го глорифицира градот, не го гледа низ призмата на егзотиката која честопати знае да биде замка за посетителите на Балканот. Тој го критикува. Но, неговиот дискурс не е суров, ниту пак надмен. Тој зборува за пропустите, зборува за комичното и грдото, но успева да ја види и скриената убавина на градот, успева да ја препознае неговата историја, и да го види она што многу посетители не успеваат, неговите притаени вредности. Во оваа низа мора да се наброи и одличниот прием на изложбата кај
публиката, која речиси инстантно го препозна нејзиниот концепт и порака. Порака што беше примена како што и беше наменета од авторот, како субјективен коментар низ објективната призма на погледот од страна.
За крај, би сакал да да го истакнам професионализмот на г-динот Гунон и неговата значителна посветеност во текот на целата соработка. На страниците коишто следуваат, имате можност да ги погледнете извадоците од резултатот на оваа соработка, изложбата насловена „…по која цена?“
Бојан Георгиевски
Директор
Галерија Акантус
Историјата на еден град е провокација за уметниците. Тие, уметниците, влегуваат во театар, каде што сцените се менуваат во ритам, варираат со различните социоекономски и политички услови. Архитектурата е најверниот субјект на градот која го детерминира комплетниот изглед, како најдобар сведок за културниот развој, естетиката, но и политиката на едно општество. „Ако политиката е окупирање на територии“, тогаш мета- политиката е „окупирање на културата“ (Гијом Феј /Guillaume Faye/, француски новинар и теоретичар на Новата десница).
Доживувањата, разговорите, средбите, различните ставови на жителите ја создаваат можноста за новиот посетител – уметникот, за провокација и пренесување на нов, емотивен пристап во градењето на новото дело, талкајќи низ градот. Историјата на градот му се наметнува на уметникот, провоцира постојани, променливи размислувања, создавајќи различни и нови неочекувани слики. „Историјата им зборува на уметниците. Таа го менува размислувањето на уметникот и постојано го ремоделира во различни и неочекувани слики“ (Анселм Кифер) / “History speaks to artists. It changes the artist’s thinking and is constantly reshaping it into different and unexpected images” (Anselm Kiefer) / Пол Гyнон, млад француски уметник, престојуваше во Скопје месец и половина, градејќи го својот проект – изложба „…по која цена“, посветувајќи ѝ сe комплетно, теоретски и практично во истражувањето на развојот и потребата на градот да еволуира во неговиот изглед низ историјата. Како што вели тој, градењето на неговиот личен став, неговата уметничка визија за градот кој е појдовен интерес за оваа изложба е поврзан со неговиот интерес за историјата, културата и еволуцијата на градот сè до денешен ден, вклучувајќи го и контроверзниот проект „Скопје 2014“. Тој си поставува прашања: Како ја паметиме и пренесуваме историјата која полека избледува, повторно креирајќи ја од скица? Со кои социолошки, политички и културни последици или пак со која цел? Низ археологијата, иронична и апсурдна на моменти, неговиот интерес на истражување во контекст на претходното творештво го гради својот став, создавајќи свои артефакти како одговор за паметењето на историјата. Интеракцијата на уметникот со содржината, материјалот и формата на едно уметничко дело е комплексна комуникација. Овие градивни елементи не може да се гледаат или пак да се поимаат изолирани еден од друг. Содржината се гради со стилот и традицијата, а пак материјалот е новиот артефакт, но и нов естетски предмет. Материјалот и формата ја градат содржината и стануваат содржина. Одлуката на уметникот Пол Гунон да го одбере бетонот како материјал кој со својата грубост ја интерпретира денешницата, станува негова концепција на недовршена форма во изведбата, создавајќи исечоци од историјата. Пристапот кон работата кој уметникот го практикува одреден период го гради низ негово духовито раскажување на историјата низ различни локации низ светот по кој трага и низ неговите лични доживувања. Интригата која ја наметнува кај публиката, го прави современ критичар и бунтовник низ деликатно оформените дела, исмевајќи ја потребата на неиздржани поврзаности со антиката или пак со делови од историјата кои едноставно не би можеле да се создадат одново. Тој користи делови од археологијата, остатоци од формите на современата „археологија“, ги реупотребува или пак ги става во нов контекст.
Всушност, сите претходни искуства, идеи и истражувања се пред концептуализацијата којашто следува.
Артефактите од минатото и сегашноста ги реконструира, сече, крши, пресоздава, за подобро да ја разбере суштината на она што од неа останува и го дефинира градот. Низ духовит пристап, Пол ги соголува артефактите, ги вади од контекст или пак одново ги создава. Користи соодветни, современи архитектонски материјали, гради, моделира, излива во бетон. Сето тоа бара од уметникот дисциплина, физичка снага, ангажираност, точност. „Секој од нас има свој ритам на страдање“ (Ролан Барт) / “Each of us has his own rhythm of suffering” (Roland Barthes) / Бетонските лавови, седнати, ја чуваат традицијата. Бетонски излиени делови создаваат симулација на фреско фрагменти. Копија на античка скулптура излиена во бетон, уметникот ја сече на парчиња и повторно ја склопува. Излива делови од сопственото тело. Убавото античко тело на Давид го печати во 3D во современ материјал. Менталната слика од групирањето на овие објекти-скулптури во нивните богато симболични аспекти ја сугерираат идејата за неговото читање на градот, читањето на историите. Преку скулптура, фотографија и видео, уметникот создава комуникација со градот, а поставува универзални и проблематични прашања за естетиката и политиката како моќен заведувач.
Дијана Томиќ Радевска
Pol-Gunon-pdf-katalog-cel
a-quel-prix