Skip to main contentScroll Top

Возење без стеги – Виктор Наумовски

vozenje cover
Виктор Наумовски

Уметник

22.12 – 25.12.2018

Датум

Акантус

Локација

Дијана Томиќ Радевска

Куратор

Младиот дипломец не води низ неговата концепт изложба со нова свежина на идеја низ медиуми.
Изложбата беше поставена од 22.12 – 25.12.2018

Младиот дипломец Виктор Наумовски нѐ води низ неговиот концепт приказна “Unbuckled For The Ride” во поставката која има свој редослед; минато, сегашност и иднина. Сите три позиции на разговор со самиот себе, низ три временски дистанци, нѐ повикува и нас да се опуштиме во перцепција, читај: “Возење без стеги” и да влеземе во неговата приказна.

Ако медиумите со кој се изразува, фотографијата, видеото, анимацијата, се негов речник тогаш тој е создаден од повеќе толкувања. Враќањето во детството, сега, отвора една бизарна нова слика на сеќавања и мемории. Разгранетите сеќавања од семејните игри, сега се преиграни од старо-нови учесници. Добро познати песни од детството, сега се препеани, во нова интонација на звук и глас кој доаѓа од далеку, оттргнат од вистинската вибрација. Неговата антитеза на убавината ја врежува сликата во нашата меморија уште посилно, со изместен баланс, но и со пренагласеност на сцени.

Минато: “No Crying in the Club” – Возбудливиот спој на минатото и препрочитаното минато, сега и овде, во сопствената земја, создава краткотрајни блесоци на умот кој трагаат по семејната деконструкција. Поставени во јукстапозиција, минатото и сегашноста, ја раскажуваат истата приказна со дистанца од 20 год, на истата лента на видеото, создавајќи логичен тек на познатите наративи од детството и инфантилноста. Потребата за прераскажување, можеби е потреба да се преживеат заборавените чувства. Ги иницира кај блиските во точно зададена актерска игра а тие, актерите, се сега повторно пронајдените корени од кој авторот во еден период на отсуство бил откинат. Употребува сина боја за целосна колоритност во собата на минатото, како естетиката на тридимензионална композиција, а јас би сугерирала и симболика која тука носи смиреност и повикува на позитивни вибрации. Дополнително, ready-made објектот, јамболија е тесно поврзана со потеклото, со Македонија.

Сегашност: “New Idols” – Дигиталниот колаж кој е поставен како триптих, нѐ внесува во фигуративен лавиринт. Тука се среќаваме со “Идолот” на авторот, можеби барајќи нови идоли. Главниот модел е фигурата на неговиот дедо. Фотографиите на неговиот предок, кој на возраст на авторот пропатувал низ земјите соседи на Македонија се поставени во различни амбиенти.

Фигурата која се појавува на повеќе фотографии склопени како една сложена наративна целина нема да ја совладате веднаш. Авторот го нуди својот дискурс на конструкција и деконструкција на композицијата, повикувајќи на ангажираност и активно учество на гледачот во играта на сокриено-најдено. Јаките, контрастни црвени и сини бои создаваат, кај окото на гледачот, чувство на трепет, дури и сензација на болка. Така, очекувајте Виктор да ве внесе во тридимензионално патување кое неговиот предок но и тој, авторот, а сега и вие како гледачи ќе го отпатувате.

Иднина: “Untitled”- Црвената боја која ја обојува собата ве намамува да влезете, но истовремено и ве застрашува. Окото и чувствата сугерираат страст, сирова енергија, но и агресија. Дали е тоа вистина на иднината? Што нѐ очекува? Целосната обоеност на просторот и само една мала фотографија, ќе ја направи магијата на интерсекција со внатрешниот свет на едно уметничко дело. Крвавото око на фотографијата со реализам ќе ја поттикне преплашената свест, а со младешката мудрост авторот ќе иницира кај гледачот и фотографска екстаза.

Дијана Томиќ Радевска, мултимедијален уметник и куратор на галеријата Акантус

Поврзани објави