Bojan Kovski - Panta Rhei
An artist from the youngest generation of graduates from the Faculty for Fine Arts in Skopje,
is presented through his first solo exhibition. The idea of the gallery is to show and promote
talented young artists. The exposition was displayed in the period 14.11.2019-06.12.2019
Првото чувство од средбата со делата на Бојан Ковски ќе биде посебно доживување. Уметникот ја земал како зачеток, мислата на Хераклит, Сè тече.
Ако го земеме модерното толкување на Хераклитовата мисла и аспектот на единството на спротивностите, каде постоењето е поврзано со неред и хаос, а сите случувања во природата се всушност содржина од законитости и складност, ќе влетаме во навидум јасната игра на уметникот.
Тој е млад уметник, на кого уметничката сцена допрва му се отвора. Со страст се посветува на овој циклус масла на платно каде искрено им се предава, а пред нас се “разголува”. Долготрајниот процес на создавање на делата, од поставување, сликање, до градење на пастата која до тридимензионална форма излегува од рамките на класичниот процес на сликарството, не воведува во неговата посебност на записот. Техниката на работа, неговото сликарство е дел од неговиот карактер кој во својата смиреност нуди извесен шок што ве вовлекува, со делото да се соживеете или да се обидете да го појмите, и, воспоставите контакт. Сензуалноста, може да се почувствува особено во извитканите тела, нивната карикирана поставеност, и со тоа сугерира натчовечкa флексибилност и задоволство во посебноста. Несовршеноста во анатомијата е намерен сугестивен ракопис кој сокрива и открива органски форми. Насловите ќе ни бидат патоказ за нашето емоционално паметење, Бесконечност на формата, Проток на нишало, Трансценденција, итн.
Понатаму Ковски не воведува во неговата занесна игра со боговите, со нивната симболика, со нивната рајска самодопадливост, а ни ја доближува и нивната божја дрскост. Земските благодeти, оние од природата, оние на љубовта, на возвратената љубов, на љубовта по која трагаме, во својата совршена улога на склад и убавина до соблазнување, нè внесуваат во потребата од космичка правда и складност.
Барајќи ја сопствената рамнотежа, низ прочистување, како на техниката така и низ мотивот, тој поставува теми на блаженство, како што вели, Анализи на спектарот, Протокот на просторот и времето…, каде низ мистична атмосфера поставува фигури и портрети во големи формати (вон-човечка димензија) кои се обраќаат на гледачот. Перспективата на погледот кој ве следи е динамична и интерактивна игра на моделот и гледачот. Низ сфумато атмосфера, сликарски создадена со подсликување, Ковски ве вовлекува во состојба на сокривање или пак разоткривање, како наратор кој пишува со боја. Во неговиот занес тој низ персонификација повикува на славење на животот, феноменот на бесконечност, повеќе свесност и совест, милозливост, тие вечни теми кои човекот го обземаат, со кои продуцира емоции кои оставаат отворен повик на повеќезначни толкувања.
Сè тече, низ промените на нашиот краток живот, сè се менува, уметноста останува истражувачки запис на едно време, на едно доба, а времето е толку кратко.
Kovski-catalog-2