4 Идеи / Ремикс
Изложбата „4 Идеи / Ремикс“ опфаќа избор на дела на четворица современи македонски автори: Христина Иваноска, Велимир Жерновски, Ѓорѓе Јовановиќ и Јане Чаловски.
Изложбата беше поставена од 03.09.2017 – 21.09.2017
Изложбата „4 Идеи / Ремикс“ опфаќа избор на дела на четворица современи македонски автори: Христина Иваноска, Велимир Жерновски, Ѓорѓе Јовановиќ и Јане Чаловски. Како што насочува и самиот наслов, четири генеологии на концептуално и визуелно обмислување и изразување се ставени во меѓусебен дијалог поставувајќи контекст за делата остварени во рамки на проектот „Everything Matters Prototypes“ во реализација на Проектниот простор Прес ту егзит од Скопје.
Процесот на пишување, начинот на изразување идеи преку букви и зборови, и на крајот претставувањето на текстот како визуелно дело, се важен сегмент во уметничка практика на Христина Иваноска. За неа изборот на материјал во кој ќе се врежат, испишат, извезат, втиснат зборовите не е никогаш случаен. Во рамки на изложбата e претставена серијата на мултифункционални дрвени резби именувани како „Самовилска коса“ (2016/2017), чиј наслов доаѓа од книгата „Омарнини“ (1972) на Славко Јаневски. Зборот самовила, кој има индо-европски корени и значи божественo, дивo, беснo митско суштество претставено како убава долгокоса жена со крилја, со своја воља, моќ, нескротлива и дива, тематски ги обединува нејзините изложени цртежи, резби, везови, керамики и слики. Преку секое свое дело Иваноска продолжува да го потенцира процесот на женска еманципација и односот наспрема политичкото, општественото и спиритуалното себство во релација со заедницата како синоним на простор за солидаризација.
Велимир Жерновски следејќи го личниот интерес за поимите на идентитетот, урбанизмот и популарната култура, развива нова серија на визуелни дела кои ја поддржуваат визијата за трансформација и транзиција кон просторот за поинаква (нова) иднина. Неговиот прототип за мека скулптура насловен „Principia #00“ (2016/2017), објаснет како „кадифен придружник кој емитува гравитациони ефекти вклучувајќи ги и нашите тајни и стравови, љубови и очаи“ произлегува од новата серија на дела насловенa „Beyond the Blackness“ (2017). Жерновски тргнува од човечката љубопитност и знаење за нашиот универзум како појдовна точка за креирање на дела инспирирани од популарните слики на НАСА (Националната аеронаутика и вселенска администрација) и ЕСА (Европската вселенска агенција) со намера да го отслика меланхоличниот пат на човечката интеракција со природата.
Интегрирајќи елементи од неговите претходни визуелни истражувања кон гротескното во секојдневието, Ѓорѓе Јовановиќ, создава прототип во кој обединува повеќе сфери на интерес од ликовната и применетaта уметност, типографијата и поезијата. Прототипот насловен „Трошки на асфалтот што испарува“ (2016) кој се состои од пет рачно изработени платна, исцртани и испишани со текстилни бои и маркери, ги обединува неговите размисли за врските и различностите меѓу ликовната и применетата уметност каде, и покрај посебните квалитети и насоки што овие дисциплини ги поседуваат, секогаш постои простор за нивно взаемно надополнување во единствена целина. Оттука, на неговиот прототип кој е замислен и како двострана слика кој може да функционира како постер, прекривка или завеса, аплицирани се фрагменти од поезијата на Џек Керуак, Вилијам Блејк и Чарлс Буковски. Двостраниот третман на прототипот, кој е пропратен со парче од истото платно нудејќи му можност на идниот сопственик лично да интервенира на него, е создаден со намера да овозможи игривост, непосредност и можност за комбинација.
Истражувањето и продукцијата на серијата објекти насловена „Компресиран минимум“ (2016/2017), е повеќеслојно и сублимира ликовни, научни и технолошки процеси кои Јане Чаловски ги имплементира во својата уметност. Во овој случај како материјал е користена синтетичка гума создадена преку комбинирање на хемиски елементи, пигменти и други состојки, и која е создадена во соработка со специјализирана лабораторија за гумено производство во Скопје. Објектите кои се резултат од истражувањето се карактеризирани како икони со вграденa функционална, естетика и колоритна спецификација од урбаниот простор и се поврзани со неговото истражување во Архивот на материјалности на Баухаус Фндацијата во Вајмар. Истовремено, неговиот интерес кон не-линеарни и фрагментарни наративи е претставен и преку избор на цртежи кои ја дополнуваат идејата за визуелна компресија на концепти и процеси.
Куратор: Јованка Попова