Париски сигнатури 2
Изложбата Париски сигнатури 2 се постави на 13.03. 2020 во ситуација на ограничено движење поради COVID 19. Изложбата се затвори на 20.06.2020.
Визуелниот уметник ја бара својата совршена форма на мислата, никогаш верувајќи ѝ тотално на довербата која делото ја загатнува. Барајќи ја содржината уметникот трага по бесконечноста на знаењето и сознанието. Новите мисли по кои уметникот трага не се само форми, објекти, туку хармонијата на единството, лиризмот кој созрева од сржта на своето значење. Тогаш нема значење во повторувањето на перцепциите туку перцепциите се самиот готов резултат.
Мобилноста на еден создавач, визуелен уметник, кој трага по состојките на својот интерес, суштествено може да го измени чувството на припадност или на неприпадност како слобода по која бескрајно се трага.
Со начинот на кој амбиентот ќе го формира уметникот или ќе го обликува со оглед на неговата вештина, тој создава возбудлив, сублимиран, во и вон каноните „убав“ свет. Така станува креатор на она што е или пак што може да биде.
„Париски сигнатури 2“ ви претставува уметници што престојувале во ателјето на Cité Internationale des Arts, живееле во Париз и го впиле шармот, ја почувствувале неговата слободоумност и елеганција, уживале во неговата дрскост и бунтовност и со сето тоа се воспитувале низ другоста што Париз ја нуди.
Уметниците (Тања Балаќ, Атанас Ботев, Шќипе Мехмети, Наташа Милованчев, Кристијан Санев, Марија Светиева и Маријета Сидовски) со своите сигнатури, визуелни белешки, знаковни записи, ќе забележат свои еднородни врски со градот, но и врската со атмосферата во која и нас ќе нè вовлечат. Тоа ќе биде емоцијата што ги поврзува, со софистициран ракопис исцртани пораки до љубените и до луѓето што им оставиле белег (Маријета Сидовски, Кристијан Санев) и еротика што се наsира со суптилност во речникот на изразот низ предели меки и испреплетени, природни и поетични (Шќипе Мехмети). Наивниот и налик детски симболичен ракопис ја крие љубовната игра и меморијата од градот (Марија Светиева). Урбаната душа на градот со неговите симболи, асоцијативни структури и пораки (Тања Балаќ), со чиста визура, лесна конструкција и со хоризонт што ја исцртува традицијата и современоста (Наташа Милованчев) нè возбудува и релаксира. Париската сцена, носителот на авангардните идеи во уметноста, уметниците ја чувствуваат како своја сцена и како своја слобода на изразување (Атанас Ботев), допирајќи суштествени социјално-универзални пораки кои радикално ќе ја формираат иднината.
Можноста да се биде некаде, на друго место, на особено инспиративно место, е посебно доживување, но да се биде во Париз, да се создава во Париз, тоа е награда за умот, телото и душата.
Pariski-Signaturi-cel-pdf_Optimizer-crop