Париски сигнатури 1
Изложба на избор на дела на четиринаесет македонски уметници, реализирани по нивниот престој во Франција и во Уметничката резиденција во Париз. Изложбата се организира во соработка со галеријата „Акантус“ по повод прославата на Франкофонијата во Македонија и во рамките на одбележувањето на 25 години од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу двете земји.
Изложбата беше поставена од 16.03.2018 – 20.04.2018
Уметничкото убаво е различно од убавото во природата, бидејќи убавината во уметноста е вдахновена од душата на творецот.
“Колку повеќе субјективната идеја е појасно изразена во уметничкото дело, толку повеќе расте и неговата цена.” (Адолф Вебер Ткалчевиќ)
Всушност, уметничката убавина е одухотворена од субјектот што ја создава, а колку е поголем печатот на личноста врз делото, толку естетски е поголемо и позначајно и самото дело. Уметноста подлежи само на принципите на убавината.
Поводот за оваа изложба, сам по себе е значаен и нуди можност да се обѕирнеме кон минатото кое ќе нѐ доведе до сегашноста и ќе понуди еден пресек или синтеза на значајни ликовни ракописи со автохтона ликовна исказност. Поставката на изложбата е составена од веќе одржани или тековни уметнички настани на македонските уметници, кои ни даваат можност за миг да ја почувствуваме и апсорбираме париската атмосфера, преку оптичката перцепција која се случила и повторно нѐ враќа во трезорот на културните богатства на различности и на дијалог со Франција која е доживеана како сопствен мит. Духот на Париз е пренесен во јавноста преку делата на уметниците кои не познаваат граници и кои го врежале своето богатство на неповторливост во времето и просторот.
Привилегијата на уметнички надарените, да создаваат, да креираат, да творат тие ја оправдуваат со дела во кои се даваат самите себе, оттргнувајќи парче од својот уметнички живот, создавајќи ода на животот. Но, ни творештвото, ни животот, а веројатно ни смртта, не се линеарни. Тие се пулсирачки назнаки овековечени со сигнатура на богат творечки ȯд. Времето и кодот на уметникот се рождество и чудо кое се раѓа меѓу раката и творбата. Дали е можно делата на уметникот да се издвојат од неговата личност, од неговите раце кои се мост на сите патници низ времето, директно или индиректно како императив и алегорија на уметничките опсервации при патувањата?
Човек мора да открива, да патува, а уметниците се секогаш жедни за восприемање на космополитскиот дух на метрополата која пулсира со изобилие на млади од целиот свет. Преку делата создадени во или по Париз, кој продолжува тече под мостовите на Сена, мисијата на уметникот продолжува кон универзалното и дава траен белег на уметниковиот потпис. Со тоа се создава вредност која ни дозволува творечкиот пат од минатото да нѐ доведе во дијалог со новото видување и восприемање на овој град.
Марина Лешкова, ликовен уметник и историчар на уметноста