Мирослав Масин - Од кујната на Масин
Препознатливиот ракопис на Мирослав Масин интригира и изненадува со сета своја искреност. Неговиот боемски стил на живот и создавање секогаш ја возбудува македонската публика.
Изложбата беше поставена од 05.04 – 04.05.2019
Еднаш, пред едно 20 години, се случи така што бев заскитал во Балчик, едно мало гратче на Црно Море. Таму бев со еден пријател од студентските денови, Митко, и тој ме однесе кај едни негови пријатели, сликари. Маж и жена. Беше лето, јули или август, кој да памти? И така, седиме ние кај нив, на една широка тераса, веќе имам сосема заборавено што муабет правевме, а она што ми остана во сеќавање е дека имаше некои многу јаки закуски. Некакви вкусни салати и мезиња… такви работи. И кога си заминавме, му викам: „Митко бе, овие многу убаво готват.“ –Тихомире, вели тој, ти не знаеш ли че сите художници хубаво готват? –Ајде? –Ами да, сички до еден. –Добро. И од тогаш, неговата констатација ми се потврди едно сто пати. Стварно, скоро сите уметници што ги знам ги бива за готвење. И во него има замисла, мешање, бои, форми, чекање… па сервирање, боја на чинија, астал, салвети… Значи, сликарството и правењето јадење се поврзани на некој чуден начин и тоа е факт.
Пред некое време, Мирослав Масин изрази желба јас да напишам нешто за неговата нова изложба, за каталогот. Сум му бил писмен. Во врска со тоа, го прашав како му се вика изложбата, тој рече: „Од кујната на Масин“. –Миро’ бе, ти знаеш да готвиш? Те бива за во кујна? –Да бе баце, сам си готвам. Знам многу јадења. Не бев нешто изненаден од одговорот, јасно ви е зошто.
И бев јас кај Миро неколку пати последниве месеци, да ги гледам делата што ќе ги изложува, за да ми дојде инспирација, да напишам нешто паметно. И не само за тоа, туку и за да се запознаеме поарно, оти ние и претходно се знаевме, не дека не, ама не толку по она што сме, туку по она што го правиме. За оние што не знаат, тој е ранобудник, и јас сум ранобудник. Легнуваме и заспиваме кога-како, ама се будиме со првата светлина. Обично му се јавувам рано насабајле, околу седум, и тогаш правиме муабет. А вчера му се јавив во осум навечер, и не ми крена. Си легнал.
Тој живее во Ѓорче и куќата му е како галерија, само кујната му е како во другите домови, без слики и скулптури. Инаку, на влезот во дворот, на самата порта, секогаш ме пречекува Барни, големиот црн пес кој му прави друштво. Брзо се спријателивме. Малце делува страшничок на прва, ама ептен е кроток, некако мил, и сака да се гали. Куќата на Миро однатре е долга и бела, со многу изложени и врамени слики по белите ѕидови, и со многу неизложени на белиот под. Однадвор, не знам како личи, никогаш не сум ја загледал. Горе, по скалите, таму му е баш-ателјето, неговата работилница, и таму има еден куп наредени бели платна со најразлични димензии… таму Миро готви. Не јадења, ги готви неговите слики. Тие не се јадат. Облекува едно сако, целото исфлекано со акрили и масла, ја зема палетата и си работи човекот во мир и тишина. Ова „тишина“ го напишав онака, условно, дека е фраза, инаку кај него нон-стоп свири некоја музика, и го полни просторот со звуци.
А сега, за сликите и скулптурите што ќе ги изложи во „Акантус“, во април. Тоа е изложбата на која сте дојдени, и тоа е галеријата во која стоите. Како и многу други сликари, Миро’ дошол во фаза кога не слика само на правоаголни платна, класично, туку на сѐ што има површини за сликање. Криви, овални, вдлабнати, испакнати… секакви. Еве, освен „нормални“ слики од циклусот „Enchante“, на изложбава има едно 15 музички инструменти што се исправни и можат да свират, ама се осликани. Од сите страни. Неколку гитари, две мандолини, балалајка, контрабас… има и пијано, ама не знам дали ќе успее да го довлечка до галеријата, многу е габаритно, пустото. Овие свират, не се само убави. Има и труба и виолина, ама тие се скулптури-светилки, и на нив не може да се музицира.
Освен музичко-ликовниве дела, има и еден стоечки часовник, десетина осликани теракоти (грнци и пајнци) и… едно сукало. Многу шарено и шик. Мене тоа ми е нај. За вас не знам, ќе си видите.
Сликарството на Масин на оваа изложба е во огромен дел апстрактно, и како такво, не е многу податно за прецизни толкувања. Ич да не ви е битно што сакал тој да претстави, и дали насликаното е во некаков тренд, каква му е идејата, приказната, длабочината, потегот со четката, колоритот… и слично. Гледајте вие да најдете нешто што ќе ве поврзе со формите и боите што ги гледате, и ако ви успее, најдете си во делото сопствена приказна.
Миро Масин е човек што многу слика, знае да готви, и прави добар муабет. Од сите разговори што ги водевме последниве месеци (за жени, музика, љубов, еволуција, пастрмки, здравје, сликарство, поезија) би го издвоил оној за прилогодливоста на човекот како суштество, кога стасавме до Етепе Какоко, фудбалер од Заир, кој своевремено важел за најбрз човек на светот.
Разгледајте ги убаво неговите зготвени слики и скулптури и пронајдете го во нив она што чучи и во вас самите. Ако ви се случи такво нешто – убаво, ако не, голема работа – крајот на светот е уште далеку. Барем сте биле на изложба, и сте ги виделе новите дела на еден од нашите најпознати сликари. Не знам што друго да ви кажам. Ниедна уметност не може да ви направи чудо во умовите и душите, може само да ви го даде или да го разбуди она што веќе постои во вас самите.
Тихомир Јанчовски
Февруари, 2019