Ова не е Дебар маало
Изложба за урбанистичките текови на денес многу популарната скопска населба Дебар маало.
Што било Дебар мало некогаш, што е, и што не е денес.
Поставена од 20.09 до 04.10.2018
Повеќето маала во градот Скопје се формирани со миграциони движења со текот на вековите. Населбата Дебар маало е формирана спонтано со доселување на жители од градот Дебар и селата од долно-реканскиот крај.
Жителите населбата, која не е голема ја нарекуваат маало, а бидејќи се претежно од дебарскиот крај започнуваат да го нарекуваат Дебар маало. Тоа е периодот кога се насетува првата светска војна. Несигурноста на
Османлиската империја се чувствува. Поедини турски семејства кои се здобиле со големи површини започнуваат со тивко иселување и отуѓување на дел од имотот. Така западниот дел на градот Скопје е педантно испарцелизиран и започната е продажба на земја на периферијата на западниот дел на Скопје каде се претежно плодни површини. Морам да нагласам дека турската империја има добар катастарски систем. Така да секоја парцела има своја тапија.
Иселувањето од Дебар не е типично миграционо движење, напротив, тивка преселба, водејќи сметка селото или градот Дебар и околината да не се запусти. Владее надежта дека еден ден пак ќе бидат на своето огниште.
Во тоа време малото имало своја идентификација, зависно од традицијата- адетите кои жителите ги практикувале во новото живеалиште, празниците кои ги празнувале во својот роден крај и други навики кои ги имале. Сѐ се случувало спонтано и полека тие ментално се соживувале со новиот амбиент, се адаптирале и започнувале нов живот во ново создадените услови.
Доселените купуваа земја секој согласно своите можности. Воглавно се работи за мали парцели од 100 метри квадрати најмалите, претежно 300 до 500 метри квадратни. Парцелацијата е на ситни блокови со провлечени тесни улички – селски патеки. Се градат приземни живеалишта, кои се состојат од две одаи од кои едната е спална, а во другата се обавуваат останатите функции, готвење, ручање, одмор, рачна работа. Нужникот е со септичка јама. Семејствата се повеќедетни. Условите за живот се крајниот минимум но вербата во подобро утре не ги напушта. Така и бидна претприемчивиот дух и работливоста како и семејна слога, многу фамилии ги надминаа градските богаташи.
Со дејностите со кој се занимаваат, допринесуваат за воздигнување на градот Скопје. Млекари, влачари на волна, градители, каменоресци, обработувачи на градежно дрво, дограмаџии-изработувачи на столарија, угостители – хотелот Бристол бил купен од богат Дебранец – Јаче Куноски. Сѐ повеќе родителите се интересираат за едуцирање на своите деца, процесот е започнат и масовно се едуцира подмладокот и се дисперзира со живеалишта во центарот на градот.
Дебар маало заживува како заедница, како колектив, горди се на своето потекло, борбени се и духовно поврзани. Дружељубиви се, и се спремни да помогнат еден на друг. Не се себични да бидат еден спроти друг. Викаат маката ги натерала да се чувствуваат блиски.
Со традицијата и патријархалното воспитување, како милуваат да кажат постарите, домашното воспитување, фамилијарно воспитување на меѓусебна почит, долго време заедницата функционирала во границите на пронајдена среќа во нови услови на новиот амбиент.
Во време на Вардарската бановина има некој урбани зафати, од областа на уличната мрежа. Се обработуваат улиците со макадам се до социјалистичкиот период каде за прв пат се асфалтираат улиците. Точно тие улички наменети за пешаци и запрежни возила, останаа и во новиот урбанистички план.
Дебармалците кои се стабилизирале материјално, градат скромни куќи од квалитетен материјал, дури се трудат да имаат некакво индивидуално обележје секоја куќа има дворче, по инвентивните имаат пред куќа двор полно со цвеќе и зад куќа двор, каде зависно од големината имаат по некоја овошка како и место за санитариите. Во секој случај чувството за соодносот на изградената и слободната површина е зачудувачки. Дебар маало се здобива и со индивидуални станбени објекти, но не се од типот на висок партер како Буњаковец. Не копираат, сакаат да дадат белег на индивидуалност.
Дебар маало не се воздигна колективно, спонтано се развиваше и така остана се до оној момент кога се отвори пандорината кутија а тоа е сопственоста.
Со право беше промовирана, но се случи шпекулацијата со земјиштето и нормално секој сопственик ги искористи своите пет минути. Треба да се биде искрен дека маалото ја имаше завршено улогата на семејно прифатилиште. Не беше претерано живописно, но беше питомо, не узурпирано од коли, со пред-бавчи полни со цвеќе, со жители кои уживаа во
комшиското дружење и почитување и помагање на староседелците.
Кога се изградија првите колективни станбени згради жителите беа дочекани како страно тело. Мирот на староседелците беше пореметен. Тие беа и воздржани. Со навлегувањето на колите на територијата и формирање на паркинзи се одзеде дел од просторот за игра на децата. Децата го користеа коловозот за своите игри. Иако беа неколку коли – фиќовци, мирот беше пореметен.
Жителите на маалото, кое го носи името на претходното живеалиште, осетија потреба од меѓусебна дружба, враќајќи се на приказните на своите родители и дедовци. Сфатиле колкава била нивната борба со ново настанатата состојба но и духот на истите да не подлегнат на маките и проблемите. На крај сфатиле дека и нивните дедовци биле мераклии на убав пијалак и дружба по меани. Денеска да беа живи ќе ги викаа боеми, но денеска нема такви боеми. Со сеќавањето и обидот за оживувањето на тој дух денеска се борат други структури. Полека успеваат, тоа значи дека на Скопје му недостасува токму тоа, но можеби и повеќе возбуда. А, како потсетување, кафаната Идадија е култно место на градот, само колку поети, сликари, градители, музичари не се напиле по некоја чашка.
Мимоза Несторова Томиќ, архитект и урбанист