Кроки во градината
„Кроки во градината” е литературен и уметнички настан во кој пред публика, десет уметници ќе цртаат кроки цртежи додека се читаат извадоци од литературни дела од европската книжевност од 20-тиот и 21-виот век.
Идејата на овој настан е да се претстави кроки цртежот како техника и како истата може да биде инспирирана од книжевност.
Настанот е дел од одбележувањето на Европската година на културно наследство и е поддржана од Европската унија.
Работилницата се одржа на 28.04.2018 година
Изложбата беше поставена од 13.06 – 24.08.2018 година
Раскажувањето го продолжуваа животот на приказните. Секоја култура има свои традиции во раскажувањето, различно го користат знакот како израз, како симболизам на изразувањето. Низ процесот на читање создавајќи инспиративна атмосфера во градината на галеријата „Акантус“, уметниците беа воведени во литература која внимателно одбрана имаше задача да ги поттикне на “духовно дејство управувано во исто време во двостран правец”. (Пјер Франкастел). Славејќи го спојот на зборот и цртежот, се случува пред вас уметност и “нештото” (објект, идеја, техника) станува живо задоволство и се случува феноменологијата на знаците.
Со акцијата на цртање и литературно читање галеријата „Акантус“ направи напор во зачувување на духовното културно наследство, на препрочитување на европски и македонски автори во рамките на Европската година на културното наследство, селектирајќи автори и дела кои зборуваат за различноста на културите и религиите, за човечките суети, за бунтовността која е наша обврска, за етиката и за лажните вредности, за емпатијата, за фанатичните обичаи, за барање на убавината и сите сокови на животот. (Д. Атанасова-Лори, Т. Бернхард, Д. Буцати, ЖМ.Генасија, Г. Господинов, М. Грубор, Н. Јолдевски, И. Калвино, А. Кристоф, М.Мурџа, . Сарамаго, И. Шопов, Б. Штајн)
Кроки е брз цртеж по жив модел кој бргу ја менува позата, тој се работи во неколку минути, така уметникот се концентрира на значајните моменти кои го привлекуваат вниманието и се задржува на битните моменти на неговиот цртеж. Тој цртеж се задржува како основа за развој на уметничко дело, но е уметност и дело само по себе.
Во оваа прилика базата за создавање на кроки цртежите на овие десет еминентни уметници (Г.Ѓорѓиев, С.Јанешлиева, М.Кировска, С.Миќиќ, М.Мотеска, О.Мусовиќ, К.Наумовска, М.Рауник, В.Серафимов, Т.Таневска) беше дел од роман, расказ, поезија, текст, како модел кој низ читањето ја менуваше динамиката на сцената и интересот. Возбудата од следната сцена, следниот збор, перспективите на имагинацијата, тие, уметниците, лесно ја преточуваа во нови линии и потези, секој задлабочен во сопствената визуелизација и цртачко-наративен процес.
Кроки цртежите на овие уметници, го бележат нивниот ракопис и сензибилитет, секој со својата обземеност од писателите и афинитетите на темите во текстовите. Публиката е моќна, таа е присутна, но пред сè, се случува чистиот контакт на уметникот и неговото дело. Имагинацијата е под контрола кога уметникот почнува да создава дело, да создава објект. Најголем е потенцијалот кога уметникот ја повлекува првата линија, кога ја остава првата трага, но како делото полека се оформува и расте, станува персонален ракопис. Цртежот како најстара техника на изразување, искрен одраз на потребата да се остави трага и да се запишат симболите и зборовите, е секогаш жив. Стравот на уметникот да совладувајќи техники ја занемари фантазијата и имагинацијата, остава брзи, кроки траги кои ќе бидат иницијална реченица, која ќе го води до развивање на целата приказна, целата идеја, уметничкото дело. Отпечатоците на уметниковите прсти се насекаде на цртежот, само тој знае како дојде до тоа. Тие зборуваат за неговата дисциплина, за неговата сила и неговите слабости.
Со оваа селекцијата на уметници, сакавме да споиме различни енергии, по темперамент, по сензибилитет, по различен ракопис во кој делуваат. А тие, го прифатија повикот, желни за слушање на читачот како во детските денови, желни за компетитивност, возбудени за создавање на својот нов запис и сето тоа да го споделат со нас. За тоа сме им навистина благодарни.
лик. уметник Дијана Томиќ Радевска
Katalog-Kroki-vo-gradinata-resized