Жерновски во Акантус
Велимир Жерновски, уметник од младата генерација, активно работи во повеќе медиуми и ја разоткрива потребата за идентитетот, урбаното и поп-културата.
Оваа изложба беше поставена од 07.05-16.05.2019год.
Ова ново поглавје од проектот ОТАДЕ „Beyond “ на кој Жерновски работи во последните пет години, обединува повеќе серии на: сито графика, рачно позлатен сито печат и 3Д печат.
Во процесот на настанувањето на графиките Жерновски експериментира со строгите канони на подготовка и изведба на графика, во просторот помеѓу монотипија и сито печат. Резултатот се вибрантни дела кои не можат да се повторат поради тоа што во себе го сублимираат и просторот и времето во кое се создадени преку процес во кој авторот спонтано дозволува да реобмислува, пре-печатува, брише, додава и воопшто да си игра со композицијата и боите. Сито печатот е една од најпопуларните графички техники која поради својата изведба дозволува уникатен авторски пристап, па овие дела во својот финален израз ги следи отворен простор, минимализам и очигледната ранливост на материјалното.
Имено, генералниот проект ОТАДЕ „Beyond “е инспириран од популарните слики на НАСА – Националната астрономска и вселенска администрација и ЕСА – Европската вселенска агенција, и ја зема човековата љубопитност и знаењето за нашиот универзум како појдовна точка за наративното градење преку продукција на објекти и видео инсталации. Контрастот се гради преку пејзажи на нашата планета и осамени астронаути во вселената со минималистички естетски пристап.
Проектот ОТАДЕ го отсликува меланхоличниот пат на човековата интеракција со природата. Истиот споделува и загриженост за еколошките промени предизвикани од човечкиот фактор и ја поттикнува потребата да придонесе за свеста за кршливоста на нашата планета и нејзиниот одржлив живот. Претпоставува осаменичка иднина за човечкиот род како резултат на недостаток на грижа за природата.
Изложбата е реализирана во соработка со:
Сито печат – Партизанска штампа 2019
Продукциски соработник: Владо Димоски
3Д печат: Специјалист за 3D печатење, изведба и составување: Адријан Колиштркоски 2018
3D аниматор: Бојан Ѓоргиевски 2018
и галеријата „Акантус“ 2019
Жерновски-каталог-