Илија Пенушлиски - Градот
Илија Пенушлиски, еминентен уметник на македонската сцена, го презентираше својот нов пристап на работа, дигитален цртеж и дигитални отпечатоци. Изложбата беше поставена од 7-26 Јуни.
Градот, непресушната инспирација на многу уметници, знае да овозможи радост, љубов, воздишки а секако и тага. Тага за она што веќе не постои, за доживеаните моменти, за страдањата негови и твои. Уметниците ги даваат епитетите како да зборуваат за некоја личност. Тој, градот е жива материја која расте со луѓето, но секако и страда од нив.
Во делата на Илија Пенушлиски на изложбата Градот во галеријата Акантус како самиот автор ќе каже, ќе видите градови, градови мирни, градови драматични, детали од некои градови, непостоечки градови. Негова долгогодишна тема на интерес овој пат, по сеќавањата на авторот, уметник, патник, го гради својот амбиент и својот град.
Авторот игра со композицијата, драматична, стабилно поставена, а сепак разиграна како и динамиката на брзите пресврти на секој град. Низ неговиот темперамент се испреплетуваат линии, чисти, матни, јасни, како кога писателот ги скицира неговите зборови. Пенушлиски зборува за градовите преку мекоста на колоритот, преку јасниот и разигран цртеж. Линијата се движи во сите правци, неговата рака трепери кога ја конструира перспективата на градот.
Katalog