Жани - Верувам дека можам да летам
Жани со својот богат колористички ракопис освојува низ творештво искрено и поетично.
Таа создава на релација Скопје и Лондон.
Изложбата беше поставена од 27.10 – 05.12.2018 година.
Создавањето на уметничко дело може навистина да те направи птица, може да ти ги поттикне најјаките чувства, да те направи среќен, да те направи да се чувствуваш како навистина да леташ. Тука целосно ја разбирам Жани. Таа ги шири своите крила за полетување. Ќе речете ова е премногу симболично, невозможно е! Токму спротивното. Во возвишеноста на креативниот чин, таа, движејќи го своето тело низ ритамот на бојата и со силината на замавнувањето со четката ги создава новите светови во кои и невозможното е возможно.
Со големо задоволство пишувам за професионалец, колешка, сликарка, другарка. Познавајќи ја Жани и нејзиниот опус доволно долго, ќе се обидам да проникнам во нејзините мисли и светови. Иако секое ново дело е продолжеток на некое старо чувство, она што таа го преживува во себе, преку суштината на комуникацијата, заедно со своите блиски и околината, тоа раѓа нови циклуси на ликовни дела кои се наменети за нас, за вас, за размислување. Убавото како вечен проблем на уметноста ја обзема и Жани како трагач по насмевките, по едноставноста или пак по тежината на радоста. Комплексноста на човековата насмевка, таква искрена, полна со живот е нејзин живот, нејзина посебна енергија. Сите што таа ги сака се тука, во нејзините приказни на платното. Блискоста, разговорите, несогласувањата, но и разбирањето, сѐ, баш сѐ, ќе најдете во нејзините фигуративни композиции. Изградени во богата палета на силни топли тонови, споени во силни спротивставености и комплементарност, бараат од гледачот богато познавање и напор на окото да дојде до восприемање на богатството. Тоа е нејзина искрена продукција на вистината (уметноста е процес на вистината), вистина која е наменета за секого.
Дали сликарот/ката тој чудесен феномен на светлината, трепетот на бојата, светлосно-хроматски значења ги гледа како објекти или пак како доживувања?
Перцепцијата на уметникот гледач и не-уметникот гледач може да биде неисцрпно поле на слики кои започнуваат различно читање, различни светови. Мистеријата на играта поседува сопствен простор и сопствено време, па така користејќи го реалното време и простор Жанета Гелевска Вељановска нѐ носи во имагинарен свет на други простори, кои имаат бесконечно многу приказни, создадени со внимателно промислување на фантазијата.
Тоа би била можеби желбата на секој уметник, поврзаноста со внатрешниот свет да ја евоцира на самото платно. Таа во тоа успева со искреноста како уметник, но и со богатото искуство на познанието на техниките, структурата, текстурите кои вешто ги употребува во една структурирана богата композиција.
Во ова нејзино претставување ќе иницира една желба за достигнување на невозможното, летањето. Поканети сме и ние да летаме, да создадеме свои мисли, свои приказни со влегување во радоста на играта на перцепцијата.
Дијана Томиќ Радевска, лик.уметник и куратор на Галеријата Акантус