Формите на градот
Изложба посветена на градот и неговите форми
Младиот уметник Марко Вујисиќ во ова негово самостојно претставување како лауреат на наградата на галеријата „Акантус“ по изложувањето на In Situ Art Fair во Скопје, нѝ се претставува со слики и графики посветени на градот и на неговите форми.
Како млад жител на Скопје, Марко на интересен начин ги создава конструктивните форми, ги расчленува, ги коментира преку симболи, ги акцентира преку апстрактни антропоморфни форми. Колоритот кој ја надополнува, поточно ја оформува сликата е чист и медиумски “плакатно” исчистен. Графити цртежите на Марко имаат свежина на прочистен цртеж, поента која соодветствува со околината, но повеќето од нив повеќе ги нема на ѕидовите на градот.
Неговиот афинитет и искуство во графити уметноста се отсликува и во неговите слики и ја води неговата рака кон создавање на форми кои делуваат дека се бргу и бритко исцртани во техниката на акрил и масло на платно, но сепак класично се третирани во прецизноста. Платната се богато исполнети со форми, асоцијации, симболи, компонирани во целосно доживување на еден лавиринт. Со употреба на препознатлив манир на потези од историјата на уметност го аплицира сопствениот ракопис кој внимателно го гради.
Неговата графика ја има истата чиста, прекршена линија, со грубоста на техниката линорез, но и со извесна слоевитост во градењето на графичкиот печат во боја постигнувајќи убава мекотија и транспарентност.
Изложбата ќе биде отворена во петок во 20 часот, а ќе биде отворена до 20 февруари.